Македонија
17. September 2024 - 12:43

„Балансерот“ утре на седница на Уставниот суд

Предметот за „балансерот” кој е оформен по поднесена иницијатива од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), утре е на дневен ред на седницата на Уставниот суд.

– Оспорени се член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.

Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

 Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.

Припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо.

Припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор.

Според подносителот, со оспорената одредба од Правилникот директно се прекршуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот на начин што правото на пријавување на јавниот оглас е ограничено на кандидатите за админстративен службеник кои припаѓаат на различна заедница од онаа наведена во јавниот оглас за конкретното работно место со што се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место.

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

ДКСК смета дека иако имало позитивен резултат во етнички вработувања, во изминатите години станало евидентно порастот на бројот на вработени без реални потреби и без просторни услови во институциите, а практиката покажала дека кандидатите за да се вработат ја наведуваат етничката припадност што се бара во конкурсот.

 Според ДКСК, ваквата примена на оваа алатка, каде што етничката припадност е основен податок за распределба на работно место, се коси со мерит-системот, ја нема вредноста за која била наменета и се злоупотребува доведувајќи до ризици од трговија со влијанија, коруптивно однесување и создавање политички клиенти на партиите.

Од тие причини Антикорупциска смета дека треба да се провери дали „балансерот“ треба да се укине или да се најде можност да се спречи злоупотребата.