Азески од Трст: Со заедничка соработка до поголем раст
Можноста да се искористат економските предности на заедничкиот пат кон ЕУ на државите од Западен Балкан ќе биде една од стратешките определби на Коморскиот инвестициски форум (КИФ).
Ваков заклучок е донесен на состанокот на КИФ што вчера и денеска се одржува во Трст, а на кој учествува и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Како член на Управниот одбор на КИФ, Азески посочил дека значаен потенцијал за зголемување на ефикасноста има во подоброто вмрежување на локалните индустрии со цел произведување на поконкурентни производи за локалните, но и за европските пазари. За да се ослободи овој потенцијал, според Азески, економиите на Западен Балкан треба да го скратат времето и да ги намалат трошоците за функционирање во прекуграничните синџири на снабдување.
- Тоа треба да биде една од главните цели која треба да се постигне во Регионалната економска област. Резултатите ќе се мерат по конкретните ефекти што ќе се постигнат, што директно ќе влијаат на нашите фирми - скратување на времето што го поминуваат на граница нашите камиони кога извезуваат во странство, намалување на бројот на документи што им се потребни притоа, проширување на бројот на мали или средни претпријатија кои станале дел од синџирот на снабдување на големите мултинационални компании, истакнал Азески.
На состанокот, како што соопшти Стопанската комора на Македонија, било посочено дека економската интеграција на регионот може да придонесе за значително зголемување на економскиот раст на државите од регионот. Податоците на ММФ и Светска банка покажуваат дека доколку би се имплементирале мерките за регионална економска интеграција, тогаш растот во регионот би изнесувал над четири проценти годишно во периодот 2018-2022 година, што би резултирало со поголем номинален БДП за 15 до 17 милијарди евра, со тенденција за раст и по 2022 година.
Во рамки на состанокот одржана е и средба на претставници на компаниите со националните координатори за Регионалната економска област на која посочени се проблемите со кои се соочуваат бизнисмените при тргнувањето преку граница како што се примерите за производи што веќе не ги извезуваат поради подолго стоење на камионите на граница, како и обврската да се вадат разни сертификати и техничка документација доколку се поминуваат повеќе граници. Разговарано е и за онлајн инвестициската платформа што ја подготвува КИФ, која официјално ќе биде промовирана на Самитот за Западен Балкан на ЕБРД што ќе се одржи следниот месец во Лондон.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ
-
Годишнина од заседата кај Ваксинце
-
Христијаните го празнуваат Велики петок
-
Обичаи и верувања за Велики петок
-
Дали и кој ќе им ги врати парите на граѓаните кои платија поскапо осигурување за регистрација на возилата?
-
Дали Токсикологија е одраз на функционирањето на здравствениот систем?
-
Македонија на 36-то место на индексот за слобода на медиумите за 2024 година на „Репортери без граница“
-
Тивок бојкот или уште поголема излезност? Мицкоски уверува дека цензусот за Силјановска е обезбеден