Живот
7. July 2024 - 16:33

Аутдор фестивал „When in Krusevo“ по 8-ми пат

Планинарење, велосипедизам, кајак, sup, јавање на коњи, параглајдинг, забава на отворено, искачување по вештачка карпа, зип-лајн, адреналински парк, пукање со ласерски пушки во дисциплината биатлон и уште многу други активности. Аутдор фестивалот „When in Krusevo“ ште еднаш по 8 пат докажа дека е најдобриот Фестивал од ваков тип во Македонија кој нуди најбогата содржина и најголем број активности. Постојано се воведуваат и нови содржини.

„Претходната година ни беше посветена на еколошката свесност во државата, оваа година ја посветуваме на инклузивноста на различните така што се надеваме дека оваа традиција ќе продолжи“, истакна Димитар Ангелкоски, организатор на манифестацијата.

„Решивме да се приклучиме и да дадеме свој придонес. Придонесот наш ќе биде еден показен тренинг како изгледа во биатлон, затоа се тука и нашите натпреварувачи кои ќе покажат дел од вештините за овој спорт и секако на дел од присутните кои ќе бидат тука гости ќе им овозможиме и тие да пробаат“, рече Ѓоко Динески, селектора на македонска биатлон репрезентација.

Посетителите велат дека Крушево е еден од најдобрите предели во нашата држава за развој на алтернативните форми на туризам, планински град кој нуди за секого по нешто.

„Фестивалот е одлично организиран, дава многу убава и широка понуда за сите кои се авантуристи за различни видови на спорт и интересни активности. Исто така има и музичка организација за тие кои нема толку да се фокусираат на спортскиот дел, да се фокусираат на забавниот“, изјави една од учесничките на Фестивалот.

„Убаво место, убава атмосфера, многу настани, има за секого по нешто“, истакна еден од учесниците на Фестивалот.

Крушево наголемо го развива рецептот за спортскиот туризам кој станува главен двигател на економијата во градот.

„Има бројни содржини од кои има придонес локалната економија. Има развој на туризмот, се бара место повеќе кај сместувачките капацитети, рестораните и сите угостителски објекти во нашиот град“, вели Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Се одржа и саем на вкусни и уникатни крушевски традиционални специјалитети.

„Крушевската пита се подготвува можеби 200 години наназад. Најстар десерт благ е крушевската турта“, вели една крушевчанка.

„Гурабиите се специјалитет на крушевчани, а тука е секако и крушевската турта“, додаде друга крушевчанка.

Фестивалот годинава беше посветен на инклузивноста и подигнувањето на свеста за социјално ранливите лица.