Свет
28. July 2016 - 8:30

Атентаторот на Роналд Реган ќе биде пуштен на слобода

Атентаторот на поранешниот американски претседател Роналд Реган ќе биде пуштен на слобода по 35 години поминати во психијатриска болница.

Обласниот суд во Вашингтон одлучи атентаторот Џон Хинкли, кој сега има 61 година, да биде ослободен на 5 август годинава.

Судијата Пол Фридман по консултациите со правни и медицински експерти, заклучил дека Хинкли повеќе не е опасност за себе и за другите.

Во одлуката на судијата се вели дека сите други ограничувања, како и разговорите за медиумите и натаму остануваат забранети.

Во март 1981 година, претседателот Реган и уште три други лица беа ранети , откако Хинкли отвори оган пред еден хотел во Вашингтон.

Инцидентот ја шокира Америка и целиот свет, затоа што атентатот се случи само неколку недели откако Реган стапи на претседателската должност. Беше ранет во пределот на градите, но иако возрасен тој брзо закрепна.

Најтешко повреден беше советникот за печат на претседателот, Џејмс Бреди кој беше погоден во главата. Поради оштетување на мозокот, Бреди остана во инвалидска количка се до својата смрт во 2014 година.

Атентаторот Хинкли не беше прогласен за виновен за пукањето, туку како непресметлив беше ставен во една психијатриска болница во американскиот главен град.

Во последно време, на Хинкли му беше дозволено, секој месец да помине по 17 денови во куќата на неговата мајка во сојузната држава Вирџинија, каде престојуваше надгледуван и под строга контрола.