Македонија
11. July 2017 - 13:21

Атанасов: Неопходна е размена на информации за заштита на здравјето на потрошувачите

Надградување на постоечките искуства и подобрување на знаењето за комуникацијата со ризик, во услови кога од ден на ден во европски и во светски рамки се заоструваат критериумите за безбеноста на храната се предизвиците со кои се соочува Агенцијата за храна и ветеринарство како институција одговорна за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните. Ова го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, во обраќањето на првиот ден од дводневната Работилница за комуникација со ризик, која се одржува во Скопје со поддршка на Европската унија и Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА.

- Во насока на силна поддршка на заштитата на здравјето на граѓаните и интересите на компаниите вклучени во прехранбениот сектор, новите безбедносни критериуми за храната налагаат не само слепо преземање и примена на процедури за комуникација, туку неминовно нивно прилагодување на потребите на потрошувачите и бизнис заедницата, секогаш базирано на следење на современите трендови на науката. Постоечките платформи на Европската агенција за безбедност на храната успешно ги интегрира потрошувачите, науката и информирањето и затоа очекувам дека преку европските и искуствата од соседните земји кои ќе бидат презентирани ќе го продлабочиме и нашето знаење и искуство за комуникација со ризикот, рече Атанасов.

Ова, како што посочи, ќе креира поуспешна соработка за размена на информации меѓу соседните земји и европските институции со единствена цел - заштита на здравјето на потрошувачите.

- Искуствата кои ќе бидат презентирани за нас како институција ќе биде уште една иницијатива и за унапредување на постоечката меѓуинституционална соработка на полето на комуникацијата со ризикот, безбедноста на храната и соработката со медиумите, рече Атанасов.

Претставникот од Одделот за комуникации од Европската агеција за безбеност на храна, Шира Табачников изрази уверување дека искуствата кои ќе бидат презентирани ќе го подобрат и унапредат знаењето за комуникацијата со ризикот и ќе придонесат за олеснување на комуникацијата на институциите со медиумите и граѓаните.

Во рамки на Работилницата за комуникација со ризик која се реализира со поддршка на Европската комисија во рамки на Предпристапната програма на ЕФСА за 2015-2017 година, ќе бидат презентирани најдобрите практики за комуникација со ризик, улогата на социјалните медиуми, а презентирани ќе бидат и европски и искуства од соседните земји од областа на комуникација со ризикот.

На дводневната работилница учествуваат претставници од институции, министерства, агенции за храна и институти за јавно здравје од Македонија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија, БиХ и Србија.