АРМ одбележува 24 години од формирањето
Армијата на Република Македонија (АРМ) годинава одбележува 24 години од формирањето.
Во пресрет на утрешниот Ден на Армијата, делегации од Владата, Собранието, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, денеска положија цвеќе пред Споменикот на Партизански гробишта, на вечните домови на поранешните претседатели и врховни команданти Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски и пред спомен обележјето на загинатите бранители од 2001 година.
Владината делегација ја предводеше вицепремиерот и министер за економски прашања Владимир Пешевски.
Вечер ќе се одржи традиционалната почесна артилериска стрелба со истрелување на десет плотуни од артилериски орудија на артилерискиот баталјон на АРМ во касарната „Илинден“.
Оваа година, Денот на АРМ симболично се одбележува поради трагичните настани со поплавите во скопскиот регион. Војниците на АРМ од саботата, 6 август, кога се случи поплавата, се постојано на терен во населените места во скопскиот и во тетовскиот регион каде учествуваа во спасувањето и евакуацијата на населението, а подоцна и во справувањето со последиците од невремето.
Одлуката за симболично одбележување на Денот на АРМ беше донесена од страна на Министерството за одбрана.
Утре пред Министерството за одбрана, во рамки на одбележувањето, ќе се одржи постројување на припадниците на АРМ и вработените во Министерството.
На 18 август 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, беше формиран баталјонот „Мирче Ацев", кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на АРМ.
Ново на Сител
-
Со кауција од 2 милиони евра, Јахоски излегува од притвор
-
Обвинителството отвори истрага за токсичната пепел од РЕК Битола
-
Привршува судењето за модуларната болница во Тетово
-
По 1 мај средба Мицкоски - Таравари
-
ЗНАМ почнува преговори со ВМРО-ДПМНЕ за соработка на локалните избори
-
Левица бара да нема застареност
-
Хрватски искуства на патот кон ЕУ: Политичкиот консензус услов за реформи
-
Културните работници на протест поради доцнењето на мартовската плата