Македонија
14. March 2024 - 16:47

АРМ купува 8 борбени хеликоптери за 230 милиони евра – првиот треба да стигне во 2026-та

Нови осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо Хеликоптерс“до крајот на 2028-ма година треба да го дополнат воздухопловниот ВИНГ на македонската Армија. За модерните повеќенаменски воздухоплови, министерството за одбрана ќе треба да плати околу 230 милиони евра, во следните четири години. Станува збор за четири хеликоптери од типот АW149 и четири од Типот АW169M. Според договорот кој треба да биде потпишан до до крајот на месецот, Македонија ќе треба да исплати 16 отсто од сумата оваа година.

Првиот од осумте хеликоптери треба да стигне во земјава во втората половина на 2026-та година.

Во конкуренција од четири компании од САД, Канада, германско-француски конзорциум, италијанскиот производител ги исполните сите услови кои ги барала македонската армија. Дополнително ќе биде објавен и оглас за пилоти не постари од 28 години, кои треба да бидат обучени за управување со овие летала.

 Министерката за одбрана тврди дека цената за договорениот пакет од 8 хеликотери, додатна опрема и изградба на хангар за воздухопловите е фиксна и нема да има дополнителни трошоци.

До крајот на јули треба да бидат ставени во функција и пет хеликоптери Ми-8МТ и Ми-17, кои беа испратени на ремонт во Чешка. Сепак според најавите, овие стари хеликоптери до 2032 треба целосно да бидат тргнати од употеба.