Македонија
3. July 2017 - 14:23

АРМ ќе учествува на две меѓународни вежби

Припадници на Армијата на Република Македонија од 11 до 20 јули ќе учествуваат на големата меѓународна вежба „Saber Guardian 2017“, која ќе се одржи на територијата на државите Унгарија, Романија и Бугарија.

Како што информираше денеска портпаролот на ГШ на АРМ потполковник Тони Јаневски, на вежбата, која е во организација на командата на армијата на САД за Европа, ќе учествуваат армии на 22 земји со околу 25.000 учесници. АРМ ќе ја претставуваат 71 војник, односно 40 припадници со осум возила и опрема од батаљонот на воената полиција, 14 војници од батаљонот за специјални намени, осум од инженерскиот батаљон и девет припадници од балканските медицински наменски сили.

Целта на вежбата, како што појаснија од АРМ, е да се промовира стабилноста и сигурноста во Црноморскиот регион, како и зајакнување на партнерските капацитети и меѓусебната доверба меѓу USAREUR и копнените војски на земјите учеснички. Според сценариото, на вежбата треба да се демонстрира подготвеност со употреба на кредибилна колективна одбрана кое вклучува компјутерски поддржани вежби, теренска обука и вежби со боеви гаѓања.

На средбата со новинарите беше најавена и претстојната заедничка вежба на АРМ и командата на армијата на САД за Европа под името „Dragoon Guardian 17“  која ќе се реализира во Република Македонија кон крајот на јули и почетокот на август на армискиот полигон „Криволак“.

На вежбата, информираа од АРМ, која е наменета за поддршка на целите за обука на Европската команда на ВС на САД, за зајакнување на стандардните оперативни процедури на мултинационални партнерски и НАТО сили со Европските ротациски сили ќе учествуваат 300 припадници на војската на САД и 95 војници на АРМ од инженерскиот батаљон од првата механизирана пешадиска бригада.

Во текот на вежбата ќе се користат уште неколку локации, градски плоштади, паркови... каде американските војници и АРМ ќе изведат таканаречени „community events“ пред локалното население и пред медиумите.