Живот
21. July 2023 - 11:27

Археолозите открија нов мозаик во Теодосијанската палата во Стоби

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска го посети археолошкиот локалитет Стоби и беше информирана за најновите археолошки истражувања на Теодосијанската палата, која е една од најголемите и најлуксузно декорирани градби што се откриени во овој антички град.

-Од Националната установа Стоби ја информираа министерката за најновото археолошко откритие – нов мозаик. Како што најавија археолозите, деталите за мозаикот, кој се наѕира во една од просториите и е поставен како централно правоаголно поле, ќе ги откријат деновиве, соопшти Министерството за култура.  

Според археолозите, со сигурност имаме ново откритие во репрезентативниот објект кое, според првичните наоди, претставува нов, неоткриен бисер на античкиот град кој е културно наследство и локалитет од особено национално значење.

– Ова откритие е резултат на заштитно-археолошките истражувања кои се во функција на конзервација на Теодосијанската палата, за чија конзервација Стоби, во соработка со Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија, доби грант од прочуената американска филантропска организација „Каплан фонд“. Ова се резултати на еднодецениска соработка на Стоби со овие фондации, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.  

Од  НУ Стоби информирале дека во рамките на грантот од „Каплан фонд“, во вредност од 300 000 долари, за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби годинава се изработуваше основен конзерваторски проект за архитектурата, како и основен конзерваторски проект за мозаичните подови на овој луксузно декориран резиденцијален објект.  

– Проектот претставува еден од првите чекори на имплементација на Мастер-планот за конзервација на Стоби, изработен во периодот меѓу 2019 и 2021, исто така во соработка со „Балканско наследство“, поддржан од „Ј. М. Каплан фонд“ од САД. Проектот за Теодосијанската палата ќе ги следи насоките од Мастер-планот за конзервација на Стоби. Во него ќе бидат вклучени конзервација и реконзервација на архитектонските остатоци, во соработка со меѓународен тим од експерти предводени од Џон Стјуарт и Греам Абри од Велика Британија, рече Спасе Перовски, директор на НУ Стоби.

Тој додаде дека меѓународните експерти, исто така, ќе бидат задолжени за едукација на експерти (конзерватори, археолози и менаџери на културно наследство) од Северна Македонија и од регионот, а ќе биде издаден и прирачник којшто ќе вклучува препораки и насоки за понатамошно одржување на археолошкиот локалитет Стоби.  

Министерката за култура, заедно со директорот Перовски, на  локалитетот се сретна и со студентите археолози, учесници на Меѓународната школа за археологија, кои годинава доаѓаат од Америка, Канада и од НР Кина.

− Драгоцено е искуството што го развива Стоби во својата едукативна и теоретска меѓународна соработка преку оваа Школа, преку соработката со Фондацијата „Балканско наследство“. Стоби ја продолжува својата успешна приказна за пример кон современо менаџирање и управување со културното наследство, давајќи му живот на древниот град и во времето во кое живееме, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека на овој начин се заштитува богатото универзално културно наследство, се афирмираат историјата и културата на нашата земја, се продолжуваат приказните од римскиот и од доцноантичкиот период, но се започнуваат и нови приказни, кои зборуваат за нас, сега и овде.

 – Преку овие пријателски фондации, експерти со светско реноме се вклучени во проучувањето и во натамошниот развој и афирмација на Стоби, а тоа го става овој локалитет на врвот на светски познатите археолошки мапи. Во Стоби е живо и возбудливо како што е во лето на сите локалитети. Им честитам на нашите археолози за новото открие и им пожелувам успешна работа, размена на искуства и трајни пријателства на младите археолози кои ни доаѓаат од светот, додаде министерката  Костадиновска-Стојчевска.