Апелациониот суд Скопје ќе одржи јавна седница за случајот „Ласкарци“
Апелациониот суд Скопје денеска и утре со почеток во 9 часот ќе одржи јавна седница за случајот „Ласкарци“ кој се однесува на автобуската несреќа што се случи во 2019 година во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени. Во пресудата, што беше објавена лани во јануари, обвинетите беа прогласени за виновни и добија вкупно 39 години затвор. По пресудата, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје.
На обвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, му беше изречена казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари казна затвор од шест години, а на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, им изрече затворска казна од по пет години. Најголема казна затвор од 14 години доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски. Воедно, на обвинетите им беше изречена и забрана за вршење професија и должност во времетраење од пет години.
Според пресудата, обвинетите Дурмиш Белули и Ремзи Мифтари не се придржувале кон безбедносните прописи, дозволувајќи технички неисправен автобус да учествува во сообраќајот, што предизвикало опасност за животот на патниците. Тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, дозволиле автобусот да помине на технички преглед и покрај неисправностите. Возачот Маноил Трифуновски, свесен за неисправноста на возилото, го управувал автобусот со 55 патници и удрил во металната ограда поради невнимание.
Процесот во Основниот Кривичен суд Скопје го водеше судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е обвинителот Дарко Јакимовски.
По пресудата, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба до Апелацискиот суд Скопје. Обвинителот Јакимовски бара повисоки казни за обвинетите Дурмиш Белули, Ремзи Мифтари, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, како и подолги забрани за вршење професија. Според обвинителот, првостепениот суд правилно ја утврдил фактичката состојба, но казните за четворицата се премногу ниски.
Според Обвинителството, за возачот Маноил Трифуновски е соодветна високата затворска казна со оглед на неговата одговорност, но и непокажаното жалење за тешките последици во текот на судскиот процес, додека, за обвинетиот Јане Боваровски, чиј придонес за несреќата бил најмал, јавниот обвинител оценил дека е доволна определената затворска казна.
Ново на Сител
-
Владата со препораки за заштита од топлотниот бран
-
Eнормно зголемена потрошувачката на вода, неконтролирано се полеваат бавчи и ниви
-
Познат идентитетот на македонскиот државјанин кој загина во сообраќајката во Србија
-
Лишен од слобода возач кој вчера удри пешак во центарот на Скопје
-
Возел пијан и излетал од патот, приведен возач во близина на Македонска Каменица
-
Полицаец во Гостивар украл 25.000 евра и злато вредно 50.000 запленети при претреси
-
Уапсени тројца Турци во Штип, при претрес во нивниот стан најдени 123 семки канабис
-
Две физички пресметки изминатата ноќ пријавени во Тиквешијата