Апелационен суд Штип: Бектеши останува во притвор
Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, останува во притвор. Така одлучила штипска апелација по жалбата на екс министерот со која бараше укинување на мерката.
Зад решетки останува и поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ. Според одлуката која е објавена на интернет страницата на Апелациониот суд во Штип, нема промена ниту кај поранешните градоначалници Николчо Илијев и Ратко Димитров, па тие и понатаму остануваат во куќен притвор.
Барањето за укинување на притворот е одбиено на уште две лица, додека за осомничениот пазарен инспектор од Виница, апелациониот суд во Штип, одлучил притворот да му го замени со куќен и мерки на претпазливост.
Од судот информираат дека во тек се постапувања и по други предмети по жалби за кои по барање на странките се закажуваат јавни седници, а донесените одлуки ќе бидат дополнително објавени.
За трагедијата во кочанската дискотека Пулс, досега се осомничени повеќе од 60 лица. Јавното обвинителство за сите води истрага за сторени тешки дела против општата сигурност. Меѓу осомничените има и полицајци од Штип и Кочани кои се осомничени дека не спровеле целосна проверка дали дискотеката ги исполнува условите за безбедност во сообраќајот и јавниот ред и мир.
Меѓу осомничените се поранешните министри за економија, Незири, Кучи и Сарачини, под истрагата се и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, поранешниот прв човек на институцијата и актуелен министер без ресор Шабан Салиу, екс директори на пазарниот инспекторат, фирмата за обезбедување, сопственикот и вработени во дискотеката.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар