Македонија
24. July 2017 - 16:28

Апелација и Врховен одлучуваат за предметите на СЈО

Поранешната министерка за култура Канческа Милевска верува во правниот систем на државата и се надева дека судот ќе донесе правилна одлука. Ова го изјави по јавната седница во Апелациониот суд на која се разгледуваа жалбата по одлуката од првостепениот суд со која и беше одземена патната исправа. На седницата СЈО повторно побара притвор, на што таа рече дека е изненадена бидејќи никогаш не ја попречувала постапката.

-„Навистина сум многу изненадена од мерките што се предложени од страна на СЈО бидејќи не постои ниту најмала причина, ниту еден момент што води во насока на попречување на постапката. Секогаш уредно сум се јавувала на поканите на СЈО. Секогаш лично сум ги примала претставниците на СЈО кај мене во кабинет додека ја извршував функцијата министер за култура“, изјави Елизабета Канческа Милевска поранешен министер за култура.

Обвинителот на СЈО пак вели сеуште постојат причини да биде определена мерка притвор за првите две осомничени за кои денеска расправаше апелација. 

Од ВМРО - ДПМНЕ велат судот одлучил да не суди според фактите и аргументите, туку да оди по линија на помал отпор.

„  Барањето за притвор на СЈО беше апсурдно, неосновано и политичко. Тоа го оцени и првостепениот суд кога констатираше дека не постои никаква опасност за бегство. Доколку е така, а така е, тогаш не постои ниту логично образложение патните исправи на луѓето кои се предмет на политички прогон на СЈО да бидат одземени, изјави Зоран Илиоски од ВМРО - ДПМНЕ.

СЈО гони стотина лица само од ВМРО-ДПМНЕ. Никој не се обиде да ја опструира правдата од едноставна причина затоа што нема сторено кривично дело и има интерес што побргу да се расчистат манипулациите и монтажите на СЈО. Сите редовно се јавуваа на поканите и покажуваа должна почит кон правосудните органи.   

Во Апелација денеска  беа одржани последните три закажани седници за жалбите на одлуките на Кривичниот совет. Судот  има рок од 48 часа да донесе одлука за “Тендери“ . Во меѓувреме и  Врховниот суд има исто  толкав рок  за  да одлучи по жалбите поднесени за трите претходно определени притвори за случаите „Таргет“ и „Тврдина“. Од Врховен информираа дека предметите се комплетирани, но нема информации кога ќе се одржи јавната седница.