Балкан
13. May 2017 - 21:03

Антивладини протести на опозицијата во Албанија

Опозицијата во Албанија ги почна денешните протести со барање за формирање техничка влада, која ќе ја води земјата и ќе овозможи одржување слободни и фер избори на 18 јуни. 

Неколку илјади поддржувачи на опозицијата преминаа по пат од 300 метри од централниот булевар во Тирана до канцеларијата на премиерот Еди Рама, обезбедувани од стотици полицајци. Повеќе улици привремено се блокирани. 

Љуљзим Баша, лидер на главната опозициска Демократска партија беше придружен од неговата сопруга и двете ќерки.

- Нема да има избори без опозиција. Ќе има избори само со техничка влада, рече тој и предупреди дека ќе има уште „еден последен протест“.

Опозицијата го бојкотира Парламентот од февруари и постави шатори пред канцеларијата на Рама. Опозицијата тврди дека Владата на Рама ќе прави изборни манипулации.

Опозициските политички партии не се регистрираа за изборите на 18 јуни, но исто така се заканија дека избори нема да има без нив.