Балкан
22. May 2017 - 11:28

Анкара: Вчера убиените борци на ИД подготвувале напад на конгресот на Партијата на правдата и развојот

Борците на Исламска држава, кои вчера беа убиени во Анкара, подготвувале напад за време на конгресот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), соопшти денеска валијата на Анкара, Ерџан Топаџа, пренесе ТАСС.

- Двајцата убиени терористи планирале напад за време  на конгресот на АКП, рече Топаџа.

Претходно беше кажано дека еден од терористите е азербејџански државјанин.

Антитерористичката операција беше извршена вчераутро во општински станбен комплекс во квартот Етимесгут, во турската престолнина. Полицијата упадна во апартманот, каде се наоѓале борците. Терористите отвориле оган врз полицајците, и во престрелката биле убиени. При претресот на станот биле откриени рачни гранати, оружје и рачно изработени експлозивни направи со голема моќност.

На вонредниот конгрес на АКП делегатите вчера гласаа за враќање  на претседателот Реџеп Тајип Ердоган на лидерското место во партијата.