Бизнис
22. March 2020 - 12:44

Ангеловска-Бежоска: Банките и штедилниците на повеќе начини ќе им го олеснат финансискиот товар на граѓаните и фирмите

Банките и штедилниците ќе можат на повеќе начини да им го олеснат финансискиот товар на граѓаните и фирмите погодени од коронакризата: со одложување односно грејс-период за отплата на кредитите, со  пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период, со пониска каматна стапка или со одобрување на нов поповолен кредит за рефинансирање на постоечкиот, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Според неа, ова важи за сите кредитни услуги: потрошувачки, станбени, автомобилски кредити, за кредитни картички, за дозволено пречекорување (одобрен минус), како и за кредити на фирмите.

Во интервју за МТВ, гувернерката  нагласува дека се овозможува навремена поповолна промена на кредитните услови за кредитите да не станат нефункционални. До крајот на септември секое доцнење до 150 дена нема да се смета за нефункционален кредит.

-Банките и штедилниците учествуваа во процесот и ги поддржаа регулаторните измени. Тие ќе се придржуваат до јасно утврдените критериуми во Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик донесена од Советот на Народната банка. Банките и штедилниците истакнаа дека се подготвени да одговорат на барањата на засегнатите кредитокорисници. Тие се мотивирани на засегнатите кредитокорисници да им ги понудат поволните можности за промена на постојните договорни услови. И во нивен интерес е да помогнат фирмите да го пребродат овој шок и да можат да опстанат на долг рок и да имаат капацитет за да можат понатаму да ги сервисираат обврските. Регулаторните измени со кои се олеснува финансискиот товар на засегнатите кредитокорисници, за банките и штедилниците важат до крајот на септември, но ако биде потребно, нивната важност може да биде продолжена, истакнува Ангеловска-Бежоска.

Народната банка, додава, нема законска надлежност да пропише мораториум на наплатата на кредитите. Но, суштински, во споредба со мерка само со мораториум, донесените регулаторни измени нудат поширок сет на поволности за граѓаните и фирмите (одложување, промена на каматна стапка и сл.).

-Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација работат на уредба со која ќе се утврди поедноставен начин за комуникација и уредување на договорните односи меѓу засегнатите кредитокорисници и банките и штедилниците. Се изнаоѓа најефикасен начин и тој ќе биде соопштен на граѓаните, рече гувернерката.

Потсети и дека заштедите се сигурни, а денарот останува стабилен. -Постојано ги следиме развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија и сме подготвени соодветно да ги приспособуваме политиките и навремено да реагираме во согласност со нашите надлежности, истакна Ангеловска-Бежоска.