Македонија
14. July 2024 - 11:48

Ангелов: Во гаснењето на пожарот на планината Серта наскоро ќе се вклучат два „ер трактори“

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов соопшти дека од рано утрово почнале механизмите на кризната состојба што вчера ја прогласи Владата за справување со пожарите.

Тој информира дека на терен покрај локалните пожарникари од локалните Територијални противпожарни единици, се и дел од силите на „Национални шуми“, потпомогнати од локалното население, 100 припадници на Армијата, како и 30 припадници на македонската полиција.

- Рано наутро полета еден полициски хеликоптер кој активно учествува во гаснењето на пожарот на планината Серта кој се простира на три крака, а нешто подоцна му се приклучија и два армиски хеликоптери со големи ведра од околу два тони. Во секој момент трба да се приклучат и два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Овој пожар кој се одвива на три места и тоа штипското село Драгоево, неготинското село Калање, како и во Општина Конче, посочува Ангелов. 

Ангелов потенцира дека сериозен е и пожарот на планината Огражден непосредно на границата со Бугарија, на територијата на општина Ново Село. Посочи дека има и неколку други активни пожари.

Владата вчера донесе одлука за постоење кризна состојба во времетраење од 30 дена поради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија.