Македонија
7. September 2024 - 19:32

Ангелов: Попладневните дождови помогнаа во гаснењето на пожарот во прилепско Мариово

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информираше дека денеска на територијата на државата регистрирани се 13 пожари на отворено, од кои 9 од нив се активни. Ангелов посочи дека попладневните дождови помогнаа во гаснењето на пожарот во прилепско Мариово, кој претходно денеска тој го посочи како најкомплициран.  

– Рано утрово таму се упатени 100 припадници на армијата, 25 припадници на полициските специјалци „Тигри“, 30 вработени во „Национални шуми“, како и два тима од Дирекцијата за заштита и спасување со повеќе од 25 лица. На терен се и прилепските пожарникари, а помош има и од пожарните од околните градови, рече Ангелов.

Истакна дека во моментов функционален е само еден „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, додека другите два авиони на ДЗС, како и двата полициски хеликоптери се неисправни.

– Околу 10 часот во гаснењето на пожарот помогна и еден „Ер трактор“ на ДЗС. За жал, другите два се неисправни и не можат да летаат. Истото се случува и со двата полициски хеликоптера кои се неисправни, но оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер ќе биде функционален и ќе можеме да го користиме во текот на утрешниот ден, рече Ангелов.

Поголеми пожари има и во Дервен, селото Смолане, Општина Долнени и во скопско Катланово. Пожарот кај Катланово е активен од вчера бидејќи тежок е теренот за гасење, но Ангелов вели дека нема закана и опасност да бидат загрозени куќи.