Македонија
26. January 2022 - 16:36

Анализа: Како се оценува првата меѓувладина седница помеѓу Македонија и Бугарија - ќе се повлече ли ветото и кога?

Меѓувладината седница на Македонија и Бугарија испраќа позитивни сигнали за надминување на несогласувањата меѓу двете држави, сметаат експертите. Најавите за раздвојување на спорните прашања, велат е чекор напред за одмрзнување на спорот, а свој придонес имале и новите комисии.

„Најзначајниот дел од пораките од Софија, дојде од Претседателот Румен Радев, кој секако има и радикални делови. Меѓутоа, важниот дел од пораката е дека пакетот 5+1, кој во меѓувреме стана 4+1, треба да се раздвои на два дела – на тоа што може да се реши на кратки стази и на тоа што не може да се реши на кратки стази“, вели Сашо Клековски.

„Не треба да се заборави дека и покрај тоа што новите комисии се позитивни и работат во еден нов дух на пријателство, дека проблемите остануваат. Историската комисија нема да престане да биде важна, спорот кој го имаме со Бугарија, нема да исчезне затоа што сме ги направиле новите комисии. Тие ќе ја олеснат атмосферата, но повторно ќе треба да се фокусираме на темите и главните наративи, политички, за кои зборуваат и Борисов и Радев“, вели Петар Арсовски.

Зголемената комуникација меѓу двете земји според експертите ќе значи и симнување на бугарското вето. Предвидуваат дека политичките прашања ќе се решат многу побрзо од историските.

„Не треба многу време за да се завршат политичките прашања. Ние имаме документ кој е фамозно наречен 5+1, кој е разменет помеѓу Македонија и Бугарија и тоа се основите за решение. Доколку има политичка волја, тоа може да се реши во еден ден. Но, прашање е колку во Бугарија ќе успее Премиерот Петков да го одвлече тоа прашање од политичката хистерија која по тоа таму владее. Ако тоа успее да го направи, релативно брзо ќе се заврши работата“, вели Арсовски.

„Ние разликите во историјата нема да ги решиме наредните 5-10 години и е нереално да си задаваме било какви рокови. Ако Бугарија го тргне ветото само да ги решиме кратокорочните прашања, без да ги решиме долгорочните, мислам дека ќе биде од големо значење да се деблокира процесот и да се даде датум почеток на разговорите веќе до јуни, после француските избори. Пред тоа не очекувам дека ќе има позначајно поместување“, вели Клековски.

Според Клековски, Македонија може да се надева на почеток на преговори и поради тензиите меѓу ЕУ и Русија, бидејќи како што вели, Унијата мора да испрати позитивен сигнал за стабилност на земјите од Западен Балкан.