Свет
1. February 2018 - 14:11

Американски конгресмени ја предложија Наташа Кандиќ за Нобелова награда за мир

Претседателот на Хелсиншкиот комитет на САД и републикански сенатор Роџер Викер и демократскиот член на Одборот за надворешна политика на Конгресот на САД, Елиот Енгел ја номинираа Наташа Кандиќ и Фондот за хуманитарно право (ФХП) за Нобеловата награда за мир за 2018 година.

- Повеќе од 25 години, ФХП се бори за правда за жртвите на воените злосторства и против екстремниот национализам и етнички тензии во Западен Балкан, се наведува во номинацијата објавена на веб-страницата на Комисијата за безбедност и соработка во Европа на Хелсиншкиот комитет во САД.

Се додава дека фундаменталното документирање на воените злосторства од страна на ФХП за време на судирите во распадот на поранешна Југославија, имало суштествено значење за обезбедување на правдата, како за Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства во Хаг и на националните трибунали за воени злосторства.

- Главните извршители, вклучувајќи ги и политичките и воените лидери, првпат по Втората светска војна, одговараа пред меѓународното правосудство. Преживеаните жртви и трауматизираните заедници во кои живееја добија шанса за обнова. Земјите од регионот беа охрабрени да се придржуваат кон владеењето на правото и да го прифатат наследството од мрачното минато, се истакнува во соопштението.

Во текстот се наведува дека во Србија имало премногу на оние кои одбиле да ги прифатат фактите за извршените воени злосторства и демонизирање на жртви, додека поголемиот дел од населението молчело, но ФХП под раководство на Наташа Кандиќ јавно зборуваше за злосторства.

- Не можеме да замислиме дека некоја личност и организација од Западен Балкан повеќе ја заслужува Нобеловата награда за мир од Наташа Кандиќ и ФХП и уверени сме дека таквото признавање ќе придонесе за мир и помирување во овој и во другите региони во светот кои се соочуваат со слични проблеми, се наведува во објаснувањето.

Во номинацијата се наведува и дека Кандиќ останува инспирација за новите генерации на млади професионалци, који ја предводат ФХП.

Рокот за поднесување на номинации за Нобеловата награда истече на 31 јануари.

Кандиќ е извршна директорка и оснивач на Фондот за хуманитарно право во Белград.

Поради собирањето и објавувањето на материјали за воените злосторства, Кандиќ во времето на Слободан Милошевиќ не беше популарна, а сличен статус имаше и со владата на Воислав Коштуница, како и со одреден дел од јавноста, бидејќи сметаа дека се занимава еднострано со воените злосторства.

За време на војната во Косово во 1999 година, таа собираше докази кои подоцна се користеа на судењата на обвинетите за воени злосторства на територијата на Косово.

Од хрватскиот претседател Стипе Месиќ го доби орденот "Даница Хрватска" поради нејзините заслуги за воспоставување контакти меѓу Србија и Хрватска и успех во правното решавање на последиците од војната.