Американската амбасадорка Брнз и градоначалникот Ганиу го промовираа плоштадот „Вудро Вилсон“ во Општина Чаир
Како резултат на збратимувањето со градот Стаунтон во американската држава Вирџинија, денеска во Општина Чаир беше промовиран плоштадот што го носи името на 28-от американски претседател Вудро Вилсон.
Од општината соопштија дека плоштадот го промовираа амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мери Брнз и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Ганиу објасни дека Плоштадот „Вудроу Вилсон“, кој се наоѓа пред зградата на Општина Чаир, ќе биде во целосна функција на сите граѓани и е посветен на сите генерации.
Овој плоштад, поплочен со природен гранит, се состои од амфитеатар со 80 седишта, сцена и фонтана.
-Сигурни сме дека овој плоштад ќе биде многу привлечен за различни културни и образовни организирања. Така децата од градинките, од училиштата, студентите ќе можат да реализираат разни организации без да им требаат други реквизити, бидејќи тука имаат се – амфитеатар со седишта, бина, фонтана и сето тоа опкружено со зелена средина, рече градоначалникот Ганиу.
Тој појасни дека осветлувањето го прави плоштадот „Вудроу Вилсон“ посебен особено во вечерните часови, кога граѓаните ќе можат да ги поминат своите мигови во многу удобно опкружување.
Пред административната зграда на Општина Чаир по повод 100-годишнината од Версајскиот договор, во 2019 година беше поставена и бистата на американскиот претседател Вудро Вилсон. Затоа, Ганиу нагласи дека како што се одразуваат прогресивните идеи на американскиот претседател кој толку многу сакаше мир, а не војна и неговата важна улога во Версајскиот договор за развојот на народите, така и името на Вудро Вилсон ќе се одрази преку плоштадот и бистата во општина Чаир.
Амбасадорката Брнз изрази интерес за тековните области со врвен приоритет на општината и за тековното партнерство со збратимениот град Стаунтон, Вирџинија. Исто така, амбасадорката Брнз ја истакна важноста на доброто владеење и транспарентноста од локалните самоуправи, со еднаков пристап и третман за сите жители и бизниси.
Инаку, пред три години Општина Чаир се збратими со градот Стаунтон, родното место на претседателот Вудро Вилсон, една од најславните личности на американската политика кој се бореше за еднаквост на малите народи не само на Балканот. По збратимувањето следуваше поставувањето на бистата на американскиот претседател во општина Чаир, која беше заокружена со изградбата на плоштадот „Вудроу Вилсон“, пред општинскиот административен објект, информираа од општината.
Ново на Сител
-
Кривична пријава за жител на Росоман за посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи
-
Таравари демантира дека вчера имал тајна средба со Ахмети, на која добил понуда од него
-
Во германските продавници пронајдени се над сто килограми кокаин во пратките со банани
-
Тошковски во посета на ЕВР Центар и Бит Пазар
-
Грчката Влада ја остава отворена можноста да ѝ помогне на Франција со противвоздушни системи за време на Олимписките игри
-
Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила на Македонија
-
Моментно нема индикатори за нов ценовен бран, оценува бизнисот
-
Би-Би-Си на српски: Оствари ли опозицијата недостижна предност пред вториот круг гласање