Свет
1. September 2017 - 21:36

Американците не смеат да патуваат во Северна Кореја

Стапи во сила забраната за американските државјани да патуваат како туристи во Северна Кореја.

Забраната е воведена по смрта на 22-годишниот американски студент Ото Вармбир, кој беше уапсен и осуден во Пјонгјанг, затоа што кај него бил најден пропаганден плакат на севернокорејската комунистичка партија.

Вармбир подоцна беше ослободен, како што беше речено од „хуманитарни причини“, но се врати во САД во кома и по кусо време минато во болница, почина.

Во денешното соопштение на Стејт департментот се вели дека забраната за патување во Северна Кореја била неопходна, поради „сериозниот и голем ризик“ за Американците да бидат уапсени и осудени.

Секој што нема да ја почитува оваа мерка, ке стори кривично дело, а ке ризикува да му биде одземен и американскиот пасош.

Дозвола за патување и престој во Северна Кореја ќе се дава само во многу ограничени околности, главно  за новинари и за лица вклучени во хуманитарна работа.

Околу илјада американски државјани, секоја година престојуваат во оваа земја, од  вкупно пет илјади туристи и посетители од Западот. Најголемиот број странски туристи се Кинезите.

Туроператорите вчера ги повлекоа од Северна Кореја последните Американци кои беа на територијата на оваа земја.