Македонија
25. October 2020 - 19:39

Амди Бајрам испратен со поворка

И покрај апелите од надлежните, организиран беше масовен погреб на поранешниот пратеник и лидер на партијата „Сојузот на ромите“, Амди Бајрам. Со огромна поворка која тргна од семејната куќа на Бајрам беше испратен до вечното почивалиште на муслиманските гробишта во Бутел. 

Неговиот син, Габриел преку Фејсбук повика во поворката да се почитуваат препораките, односно да се држи физичка дистанца и да се носат маски. 

-Со почитување на овие препораки ќе покажеме почит кон нашиот великан и татко и нема да оставиме можност овој тажен ден за семејството и ромската нација да биде оцрнет, напиша Габриел Бајрам на Фејсбук. 

Инаку според протоколите, на погреб смеат да присуствуваат најмногу до 10 лица. 

Во Шуто Оризари денеска беше прогласен ден на жалост, а Советот на општината одржа комеморативна седница по повод смртта на Амди Бајрам. Тој, според општината, ќе биде запаметен во историјата на Ромите во земјава како борец кој работеше за зајакнување на положбата и зајакнување на еманципацијата на Ромите.