Македонија
2. January 2021 - 20:12

Алтернатива: Директорот на „Македонски железници“ избрка од работа 21 Албанец, а задржа 10 Македонци

Од партијата „Алтернатива“ го обвинија директорoт на Македонски железници Транспорт, Аднан Азизи од Движењето Беса, дека од 31 вработен ангажиран со договор за вработување, отпуштил 21 Албанец, а задржал на работа 10 Македонци.

„Само овие информации се доволни за да се разбере кому му служи овој човек и на која агенда е посветен. Ние, како политичка партија, го познаваме многу добро антиалбанскиот и одмазднички потенцијал на овој заробен директор и на таа партија, која е веќе претопена во СДСМ, но сакаме да ја прашаме Владата како може да дозволи во време на пандемија и економска криза, како и во екот на зимата, да избркаат од работа вработени само затоа што се Албанци? Во оваа насока, сакаме да објасниме дека додека Алтернатива раководеше со ова претпријатие, бројот на Албанците од 1 процент (или 11 Албанци), колку што најдовме во 2018 година, се зголеми на 9 проценти (или 82 Албанци) во 2020 година. Дури, процентот на Албанците на раководните позиции беше 0 проценти кога ние почнавме да раководиме со ова претпријатие, додека кога заминавме оставивме 28 проценти Албанци на раководни позиции”, се вели во партиското соопштениe.

Според Алтернатива, ова е доказ дека „сè уште има слуги од т.н. албански партии, кои доаѓаат на власт за да им се одмаздат на Албанците и да им служат на Македонците”.

„Вака било од времето на Југославија со Ранковиќ па сѐ до Груевски, но – за жал – истото продолжува и денес, овој пат дури и со протагонисти кои божем се Албанци. Во првиот момент кога ќе се вратиме на власт – а околностите велат дека тоа ќе се случи многу брзо – тие ќе бидат вратени на работа и Албанците, но и никој друг, нема повеќе да бидат отпуштени од работа само затоа што припаѓаат на одредена етничка заедница или политичка партија”, се вели во соопштението на партијата Алтернатива.