Фудбал
5. February 2021 - 10:50

Алегри во преговори со Реал Мадрид

Италијанскиот фудбалски тренер Масимилијано Алегри е меѓу главните кандидати за наследник на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид, јавија денеска шпанските медиуми.

Работното место на Зидан во актуелниот шпански првак е доведено во прашање, по елиминацијата од третолигашот Алкојано во осминафиналето на националниот куп и поразот од Атлетик Билбао во полуфиналето на Суперкупот.

Според шпанските медиуми, раководството на „кралскиот клуб“ веќе донело одлука на крајот од сезоната да назначи нов тренер, а поранешниот стратег на Милан и Јувентус е меѓу најсериозните кандидати.

Мадридското радио „Ла Кадена СЕР“ јави дека меѓу кандидатите е и поранешниот напаѓач на Реал, Раул Гонзалез, кој во моментов ја предводи втората екипа на „кралскиот клуб“.

Алегри е без тренерски ангажман од средината на 2019 година, кога замина од клупата на Јувентус, откако на екипата од Торино и донесе пет шампионски титули, четири трофеи во националниот и два во Суперкупот.