Македонија
14. August 2021 - 8:20

Активни 4369 случаи, надлежните апелираат невакцинираните да се вакцинираат

Бројот на новозаболени од Ковид-19 во државава постојано расте. Според вчера објавените податоци од Институтит за јавно здравје, од направени 6770 тестирања, коронавирусот е потврден кај 672 лица. Починати се пет пациенти на возраст од 48 до 85 години, а регистрирани се и 35 оздравени.

Бројот на активни случаи се искачи на 4369 oд кои најголем број има во Скопје-1468 и во Тетово-976, а потоа следат Гостивар – 558, Куманово-263, Кичево-227, Струмица-159, Битола и Струга по 96, Дебар-89…

Министерството за здравство вчера соопшти дека од 3497 граѓани кај кои е потврден коронавирусот во изминатите седум дена, 450 односно 12,8 отсто биле целосно вакцинирани, а 87,1 проценти или 3047 граѓани не биле вакцинирани. Во анализата на Министерството за наведениот период  се евидентира дека смртноста е 100 отсто кај невакцинирани, односно ниту еден од сите 25 починати од Ковид-19 не бил вакциниран.

Од Министерството информираа дека почнуваат на неделно ниво да прават редовни анализи за процентот на вакцинирани меѓу позитивните случаи и починатите од Ковид-19 во државата и ќе ги објавува секој петок за да ја информира јавноста. Притоа, за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од аплицирањето на втората доза.

Надлежните апелираат граѓаните да се вакцинираат бидејќи само така ќе се постигне колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на вирусот.  Се укажува дека секоја вакцина која е на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход.

Пунктовите за вакцинација во сите здравствени установи низ државата, како што соопшти Министерството за здравство, ќе работат во текот на денешниот ден и граѓаните кои сакаат да се вакцинираат ќе може да го направат тоа како и секој друг работен ден.

Значително зголемен е интерес за вакцинирање кај граѓаните. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата и на терен во помалите населени места и руралните средини.

Заклучно со завчера, вакцина досега примиле  571 392 граѓани, ревакцинирани се 462 192 односно аплицирани се вкупно 1 033 584 дози. Прва доза вакцина завчера примиле 8808 граѓани, а вкупно биле вакцинирани 15 574. Со последните бројки, барем една доза вакцина примиле 67 проценти од населението над 70 години, 64 отсто од луѓето 65 години, 60 отсто од тие што се повозрасни од 60 години и 50 отсто од населението над 50 години.

– За вакцинирање не е потребно закажување термин, освен за малолетниците од 12 до 17 години за кои пријавувањето за вакцина е на веб-страницата vakcinacija.mk , истакнаа од Министерството за здравство.

Од почетокот на епидемијата во земјава, бројот на Ковид-дијагностицирани лица достигна 160 571 од направени 1 046 042 тестирања, oздравеле 150 670 пациенти, а бројот на  починати е 5532.