Бизнис
20. јуни 2021 - 16:34

Активисти: Струјата нема да поскапи во изборна година

Намалувањето на ДДВ-то за струја е само привремена мерка за политички поени пред избори, сметаат активистите. Марјан Ненов од Граѓанското здружение “Но Пасаран” не очекува значајно поскапување на цената на струјата во изборна година.

Според најавите од премиерот Заев, ДДВ-то за струја ќе се намали од 18% на 5% од 1 јули годинава, потоа од јули идната година данокот ќе се зголеми на 10%, за од средината на 2023 повторно да се врати на 18%. Со таквата времена мерка се очекува да се ублажи ценовниот удар особено врз најранливите категории потрошувачи.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, пак, уверува дека нема да ги прифати барањата на државните енергетски компании за покачување на цената на струјата. Според нивните пресметки, сметка од 1.000 денари би требало да поскапи за дополнителни 50 денари.

„Уште од сега најодговорно можам да кажам дека тоа што е побарано нема да биде прифатено. РКЕ си прави анализи врз основа на кои очекувам во наредните десетина дена да излезе со конечни пресметки. Она што е битно да се знае е дека РКЕ на крајната цена влијае со 38%, односно тоа е цената за пренос, за дистрибуција и еден мал дел за организирање и управување со пазарот на електрична енергија. На останатите 62% РКЕ нема никакво влијание бидејќи ЕВН Хоум, како универзален снабдувач, си обезбедува електрична енергија за потребите во најголем дел за домаќинствата на тендер, кој што го распишува”, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тендерот требаше да се реализира на 15-ти месецов, но беше одложен и ќе се објави утре, по што, според понудената цена на тендерот ќе може да се направат конечните пресметки и ќе се знае новата цена што ќе ја плаќаме за електрична енергија почнувајќи од августовските сметки.