Ракомет
5. January 2017 - 14:37

Агенцијата за млади и спорт и РФМ потпишаа договор за финансиска поддршка

Агенцијата за млади и спорт ќе и додели шест милиони и шесто илјади денари на Ракометната федерација на Македонија за финансирање на два значајни настана.
- Денеска го потпишавме Договорот за финансирање на настани организирани од Ракометната федерација на Македонија, кои ќе се случат овој месец, а истите се како резултат на новиот стабилен извор на финансирање преку Законот за игрите на среќа и другите забавни игри, согласно кој веќе околу два месеци на сметка на АМС легнуваат средства од приредувачите на игри на среќа. Први, бенефит од овие средства ќе имаат РФМ, за кои согласно денеспотпишаниот договор ќе се финансира организацијата на квалификацискиот турнир за пласман на СП М-21 во Алжир 2017 година, што го организира РФМ, во периодот од 4 до 6 јануари 2017 година во Скопје, во износ од 600.000 денари и целосно покривање на трошоците за учество на машката сениорска репрезентација на СП во Франција (12 - 29 јануари 2017 година), во износ од 6.000.000 денари, информира на денешната прес-конференција директорот на АМС Марјан Спасески.
Тој очекува на годишна основа АМС да собере помеѓу 80 и 100 милиони денари со кои ќе се финансираат спортските федерации и МОК.
Од 1 јануари стапија на сила Измените и дополнувањата во Законот за спорт и Законот за данокот на добивка со кои се дава можност на секоја компанија да финансира во спортски федерации, Македонскиот Олимписки комитет, спортски клубови и индивидуални спортисти за што ќе добие ослободување од данокот на добивка.
- Оваа мерка ќе значи вистинска револуција во спортот и е нешто што македонскиот спорт го чекаше цели 25 години. Бенефиции ќе имаат и индивидуалните спортисти. Ова ќе значи директно откажување на државата од приливот на дел од средствата од данок на добивка во буџетот, во корист на спортот, клубовите, федерациите и врвниот спорт, додаде Спасески.
Благодарност за добиените финансиски средства искажа  претседателот на федерацијата Живко Мукаетов.
- Со овој нов чекор кој се прави ние како федерација ќе можеме уште поактивно да се насочиме и кон помладите категории, а не да бидеме врзани само за А селекцијата. Ни следуваат организации на квалификациски турнири и други активности. Секоја помош е добредојдена. Добро е да се направи сегрегација, да се одберат неколку спортови во кои државата поинтензивно ќе финансира. Ние сме мала држава и не може во секој спорт да очекуваме големи резултати. Ние ќе знаеме на правилен начин да ги искористиме овие средства за развој на ракометот. Ова ќе биде дополнителен импулс и за сениорската репрезентација која ја очекува настап на СП во Франција. За врвен спорт требаат пари, заради тоа треба добра синергија и од државата и од спонзорите за на долг рок да направиме стратегија и да испорачаме резултати, рече Мукаетов.