Македонија
11. July 2024 - 16:38

Агенцијата за енергетика оди во историјата

Агенцијата за енергетика оди во историјата. Надлежностите, заедно со вработените, опремата и архивата ќе одат во новото министерство за енергетика. Под негови ингеренции ќе бидат и Геолошкиот завод, како и Бирото за метрологија. 
Државниот инспекторат за техничка инспекција ќе се трансформира во Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини во состав на министерството на Божиновска. 

Се укинува управниот одбор на Агенцијата за нафтени деривати, а обврските ќе ги поделат министерката и директорот. 

Сето ова ќе се уреди со десет закони кои денеска се во Собранието, по што новото Министерство за енергетика ќе стане оперативно. 

„Ова значи рационализација на трошоците. Ова значи подобра организација и ова значи, заедно со еден закон кој е поднесен, а тоа е законот за здравствена заштита каде што ќе се укинуваат економските директори, е реализација на уште едно предизборно ветување за намалување на институциите, рационализација на државниот систем и оптимизација на државните институции“ – Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ

„Законските измени се предуслов за исполнување на една од стратешките определби на Владата на Република Македонија, а тоа е енергетска независност на Македонија, која сама по себе значи и пониски сметки за струја за домаќинствата и граѓаните“ – Ели Панова, ВМРО-ДПМНЕ

Забелешки имаа пратениците на Левица и СДСМ.

„Седници на Собранието може да свика само Претседателот на Собранието. Од собранискиот сајт гледам дека Гаши е во Вашингтон, си има средби со странци. Физички е невозможно тој да го потпише Решението за свикување на Седница, што ја прави Седницата нелегална“ – Сашко Јанчев, Левица

„Мислам дека, ако ништо друго, требаше барем со писмо да не удостои, да ја образложи итноста, или можеби на некоја прес конференција од Вашингтон да се јавеше да каже што е тоа итно денеска да се свика седницата“ – Оливер Спасовски, СДСМ

Законите треба да поминат на матичните комисии, па потоа и да бидат донесени од страна на Собранието.