Балкан
14. October 2015 - 17:49

Афзал Кан: Време е Балканот да го вратиме во Европа

Потпретседателот на Комитетот за безбедност и одбрана на Европскиот парламент, Афзаи Кан смета дека безвизниот режим за влез во ЕУ за државјаните на земјите од Западен Балкан мора да остане во сила.

- На Европа никогаш не и било потешко да ги брани принципите на овој режим, но исто така никогаш не било ни толку важно да ги исполни дадените ветувања, изјави британскиот европартеник лабурист Кан, кој воедно е и специјален известувач на Европскиот парламент за БиХ.

Во изјава за ФЕНА, Кан оцени дека Европа долго време имала спротивставени визии за иднината на Балканот.

- Долго време бевме нерешителни во спроведувањето на политиките (кон регионот), но сега е време нашата генерација да го врати Балканот во Европа, нагласи Кан.

Говорејќи за актуелната бегалска криза со која се соочува Европа, Кан во изјавата вели дека земјите од Западен Балкан мора да бидет вклучени во институционалниот механизам на ЕУ за справување со поблемот, бидејќи според него за ова прашање не треба да се прави разлика меѓу европските држави што се членки на Унијата и оние кои се на пат да станат тоа. 

Кан ги осуди, како што рече, ксенофобичните и навредливи политики и мерки што ги пропагираат некои „неодговрни европски политичари“, оценувајќи дека изјавите на омраза создаваат нови ѕидови во Европа, како „оние кои со многу напори беа урнати пред 26 години“.

- Омразата и нетрпеливоста не се европски вредности, потенцира Кан.