Македонија
3. March 2020 - 13:01

Аеродром, Гази Баба и Центар за една и пол година ќе бидат поврзани со мост и нов булевар

Општините Аеродром, Гази Баба и Центар за помалку од една и пол година ќе бидат поврзани со мост и ново модерно булеварско решение што ќе го растовари сообраќајот и движењето во овој дел од градот.

Ова денеска го соопшти градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој заедно со градоначалниците на Аеродром, Гази Баба и Центар,  Златко Марин, Борис Георгиевски и Саша Богдановиќ, извршија увид во досегашните активности на проширувањето на булеварот „АСНОМ“.

-Присуствуваме на почнувањето на подготвителните работи за изградба на нов мост што ќе ги поврзува булеварите „Васко Карангелески“ во Аеродром и ул.„Индустриска“ во населбата Ќерамидница во Општина Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува околу 450 метри, од кои самиот мост е долг 150 метри, односно два моста со вкупно шест коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни на мостот, рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов појасни дека се работи за мост како што е мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје. Вредноста на договорот во оваа фаза, како што рече, изнесува 365,5 милиони денари со вклучен ДДВ. Проектот се предвидува да заврши за 1,5 година.

-По овој мост предвидено е да сообраќаат и нови автобуски линии со што ќе го намалиме сообраќајниот метеж. Со изградбата на овој мост и пробивањето на  новиот коридор од Ново Лисиче до Судска палата со автомобил и со автобус ќе се стигнува за околу пет минути, а со велосипед за не повеќе од 18 минути, а со пешачење не повеќе од 30 минути, рече Шилегов.

Шилегов потенцира дека изградбата на овој мост постои во планската документација на градот уште од 1965 година.

Според него, поради отсуство на визија за развој на градот, немање чувство што се вистинските приоритети на овој град, изградбата секогаш била одложувана за некои таканаречени подобри времиња.

Градоначалникот Георгиевски информира дека Општина Гази Баба во моментов работи заедно со Град Скопје на решавање на имотно-правните односи на повеќе од 137 домаќинства. Овој проект, како што рече, ќе го чинеше Градот двојно помалку да не беа кочниците од советниците на ВМРО-ДППМНЕ во Советот на Општина Гази Баба кои не дозволуваа изградба на булевар.

Георгиевски посочи дека решаваат едно тесно грло во Градот и овозможуваат безбеден сообраќај за сите учесници.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека досега се надминати околу 60 отсто од трасата и додаде оти ова е втора фаза од проектот.

– Третата фаза – очекувам дека до крајот на годината ќе се создадат услови да се распише постапката и изведбата. Таа е околу 500 метри, само ќе ни останат за да дојдеме до крстосницата кај скопско Сајмиште. Очекувам дека кога ќе поминат законските пречки, сега не смееме да вршиме исплата поради предвремените избори, ќе се интензивира овој процес, рече Шилегов. Додаде дека се свесни оти со рушењето на објектите се уништуваат дел од спомените на жителите и затоа нудат атрактивна цена на експропријација. Тоа е околу 800 евра за станбен простор и 110 евра или 8.000 денари по метар од дворното место.