Македонија
14. July 2020 - 13:54

„Аџибадем Систина“ нема да нуди неодобрен и непроверен третман за Ковид-19

Во последниот период се презентирани низа случаи во јавноста за успех во лекувањето на пациенти со Ковид-19 со примена на хемофилтрација во друга приватна болница кои предизвикаа реакции, прашања и оправдан интерес за реалната ефикасност на овој експериментален третман кај пациентите болни од Ковид-19.

Во однос на ова прашање, од името на групацијата „Аџибадем“, од целиот стручен тим на „Аџибадем Систина“, сите реномирани, докажани специјалисти во своите области и како болница која секогаш обезбедува врвна грижа и беспрекорен третман за своите пациенти имаме одговорност транспарентно да се обратиме до јавноста.

Досега, во светски рамки не постои препорачан концепт на лекување на пациентите со Ковид-19 кој го вклучува методот на хемофилтрација. По темелни истражувања на оваа тема не наидовме на ниедно експертско, стручно мислење или доказ дека лекувањето со хемофилтрација е препорачан или ефикасен метод за општа употреба, а уште помалку дека истиот е медицински докажан и оправдан.

Побаравме и стручно мислење од моментално најрелевантната институција и стручниот тим на Клиниката за инфективни болести и добивме одговор дека нашите сознанија кореспондираат со мислењето на стручниот тим на инфектолози – се работи за третман кој нема никаква научна подлога во лекувањето на Ковид-19.

Во името на целиот медицински тим од „Аџибадем Систина“ се обративме и до Министерството за здравство со прашање - дали овој вид на експериментален третман е одобрен од Министерството за здравство при лекување на пациентите од Ковид-19, но оттаму не добивме никаков одговор. Во „Аџибадем Систина“, пациентите кои се примени за друга интервенција, а кај кои е дијагностициран Ковид-19 се третираат според сите протоколи и препораки на Светската здравствена организација за нега на пациенти инфицирани од овој вирус.

Бидејќи не постои ниеден оправдан доказ за користење и ефикасност на оваа метода, која активно веќе се користи во друга приватна болница и се наплатува 12.000 евра, ние како високо профилирана здравствена установа која секогаш нуди највисок квалитет при третман на пациентите одлучуваме да не понудиме неодобрен и непроверен начин на лекување за нашите пациенти.

Доколку овој вид на третман е докажан лек за пациентите со Ковид-19, веруваме дека светот немаше да се соочува со десетици илјади жртви секојднeвно.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поседува врвна опрема за хемофилтрација, филтри од најдобриот светски производител „Fresenius“ и високообучен, експертски тим кој е подготвен активно да се вклучи во овој процес и да го направи достапен за широка маса пациенти, но единствено доколку овој третман претходно добие медицинска потврда и оправданост и истиот биде препорачан од релевантни институции како соодветен и ефикасен метод за лекување на пациенти со Ковид-19.