Македонија
20. August 2018 - 16:56

8 од 9-те училишта во Битола и натаму се без електрична енергија поради ненамирен долг кон ЕВН

На само две недели од почетокот на новата учебна година, девет училишта во Општина Битола се без електрична енергија. Во моментов без струја се: Средното општинско медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“, како и основните училишта „Св. Климент Охридски“, „Елпида Караманди“, „Гоце Делчев“, „Даме Груев“, „Коле Канински“, „Д-р Трифун Пановски“, „Крсте Петков Мисирков“ - с.Бистрица и „Александар Турунџев“ - с.Кукуречани, информираат од Општина Битола. 

Од седумте основни и двете средни училишта кои поради долг кон ЕВН останаа без струја, само СОУ „Таки Даскало“ успеа да го подмири долгот кон ЕВН и повторно е вклучено на електричната мрежа.

СОУ „Таки Даскало“ успеа да го подмири долгот кон ЕВН, затоа што во одреден период не беше блокирана жиро сметката на училиштето и тој момент го искористија за исплата кон ЕВН. Останатите девет училишта имаат блокирани жиро сметки од страна на извршители за долгови од изминатите години, заради што не можат да ги платат сметките за струја. 

Од општина Битола велат дека прават напори да се надминат овие проблеми, иако состојбата е исклучително сложена затоа што се работи за долг на училиштата од околу 4,5 милиони евра кон надворешни доверители и општината. Се надеваат дека за скоро време ќе се најде соодветно решение за надминување на овој проблем, а претходно преку писмено соопштение побараа од сите владини надлежни институции да се вклучат во решавање и надминување на проблемот со блокираните сметки на битолските училишта.

Училиштата се исклучени од електричната мрежа од крајот на јули, а ЕВН започна со исклучување како последна мерка, откако претходно неколку месеци се разговарало со училиштата како да се најде начин за да се расчисти долгот. Но, начин не се најде, а од ЕВН рекоа дека се отворени за пронаоѓање решение со кое ќе се надмине ситуацијата.