Македонија
19. February 2025 - 16:35

700 „фантоми“ се уште се невидливи за државата: 13-годишно девојче конечно доби извод

Фантомски живот. По 13 години невидливост за системот и институциите, девојче од скопско Шуо Оризари со помош на Народниот праобранител конечно беше заведено во Книгата на родени.

Иако девојчето било родено на Клиниката за гинекологија, и за тоа постојат записи, семејството било жртва на пинг-понг од Управата за матични книги.

-Факт е дека на бабата на детето и е кажано дека е потребен овој документ, оној документ, низа документи, за кои документи она нема информација кои се тие документи, каде треба да се обезбедат, каде треба да се обрати, итн... Истото на почеток и на нашите служби им е кажано. Дека треба да се обезбедат овие, овие и овие документи за на крај да се установи дека два се условите, потврдата од Клиниката кадешто детето е родено, и утврдувањето на Единствениот матичен број, вели Народниот правобранител, Насер Зибери.

Голготата на бабата на девојчето, Ѓулизар Сулејмани траела повеќе од една година. Бидејќи никој не сакал `и помогне, се обратила до Народниот правобранител.

-Извадив извод. Јас сум многу благодарна за внука ми. Фала ви многу, вели Ѓулизар Сулејмани.

Со вметнувањето во системот, девојчето сега може да ги ужива основните права од државата, како здравствено осигурување и школување.

-А сега учи, јаде пие, топло внатре, Алиша Дневниот центар му дадоа алишта, храна, топло тука, многу сум благодарна, вели Сулејмани.

Иако државата уште во 2023 ја поедностави процедурата за фантомите да можат да дојдат до документи, уште околу 700 луѓе не се евидентирани во системот, немаат матичен број и немаат извод од матичната книга на родени. 400 од нив ја почнале процедурата, но околу 300 воопшто не се заинтересирани.

-Сите коишто имаат проблем со документација, поднесете барање до Народниот правобранител за да може да ви помогне за сите пречки кои ги имате за да го остварите тоа право, вели социјалниот работник Мери Мадестанова Фејзулаху.

Најголем дел од фантомите во државата се Роми. Немањето документи значи и немање основни права, па не можат да добијат никаква услуга од државата.