Македонија
25. January 2024 - 17:03

43 години од раѓањето на Тоше

Со положување на цвеќе и оддавање почит на неговото вечно почивалиште точно во 11.15 минути, моментот кога е роден Тоше Проески, денеска во Крушево, беше одбележан 43 роденден на нашата најголема музичка ѕвезда. Фанови како и секогаш имаше не само од Македонија туку и од странство. 

„Чувствата се исти, тагата за неговата загуба е голема, но ние сме среќни што неговиот спомен се уште живее, ќе се трудиме да живее вечно“, истакна Наум Капрически, учесник на маратонот за Тоше.

„Тука сум по 4-ти пат, го слушам Тоше веќе 16 години, многу ми значи, многу го сакам, кога ќе ја видам неговата насмевка ми поминуваат сите мои проблеми“, рече Марија Елена, фан на Тоше од Хрватска.

Во неговиот Спомен дом се одржаа неколку настани за овој ден. Уметницата Светлана Зуламоска Грозданоска направи изложба насловена „Срце није камен“ со портрети од Тоше насликани на камен. Сликите се продаваа, а средствата ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

„Средствата од изложбата што ќе се земат од продажба на сликите ќе бидат донирани за детенце на кое му се потребни за лекување. Тоа беше мојот мотив, мојата цел хуманоста на Тоше да се продолжи“,рече уметница, Светлана Зуламоска Грозданоска.

Прилепчанката Јана Мрческа го промовираше и cover remix-от со 5 песни на Тоше и видео спот за истиот. Песните се на сите јазици на кои Тоше имаше композиции, македонски, српски, италијански и англиски.

„Како што се вика каверот „Вечна ѕвезда“, така и мене Тоше ми е ѕвезда водилка низ мојот пат во музиката и ми се секојдневна инспирација не само за тоа колку е тој добар пејач, туку и за тоа колку е тој добар човек“, вели Јана Мрческа, пејачка.

Со музичкиот перформанс „Ангел си ти“ настапија и Ивона Јо и бендот „B2B“, исто така имаше и промоција на документарниот филм за Тоше со наслов „Једини“.

„Како гледаме од посетеноста тука, затоа што сѐ повеќе млади луѓе доаѓаат, значи Тоше не е само идол, туку на некој начин е и стремеж да се постигне тоа што тој беше, не само на нашите простори, малку и пошироко, балкански“, истакна Лефкија Гажовска, директор на Спомен домот Тодор Проески.

Во знак на неговата хуманост секоја година во Спомен домот за овој ден се одржува и крводарителска акција.