Македонија
18. August 2022 - 16:43

30 години македонска aрмија

Три децении македонска армија. Јубилеј вреден за презентација на најдоброто од АРМ. На пистата во касарната “Илинден” дефиле на гардистите, специјалците, ренџерите, сите воени и борбени единици, а државниот врв, амбасадорите и бројните гости беа сведоци и на прелетите на хеликоптерите и авионите од воздухопловниот винг.

Во говорите пред построената војска преовладуваше една заедничка нишка – АРМ во изминатите 30 години е столб на сувереноста на независна Македонија, а круна на сите напори е членството во НАТО.

Се почна со Панче Јамандиев, првиот македонски регрут, ќе рече врховниот командант, потсетувајќи на скромните почетоци на АРМ во 1993 година.

“Армијата беше и главниот двигател за нашето членство во НАТО. Mинавме низ неколку периоди на непринципиелни надворешни блокади и погрешни внатрешни приоритети што го забавуваа нашиот од кон колективните безбедносни системи. Нема да погрешиме ако кажеме дека како држава го постигнавме нашиот, до сега, најголем надворешно-политички успех, во голема мерка, благодарение на Армијата и на нејзините храбри жени и мажи во униформа”

Со години наназад Армијата е институција која ужива најголема доверба кај граѓаните, а тука, нема место за партизација или поединечни интереси, децидна министерката за одбрана.

За тешкиот и скромен почеток во тие турбулентни 90-ти години говореше и началникот на Генералштабот на Армијата. Но, рече генералот, сега можеме да кажеме дека е остварен стремежот и заветите на нашите великани на Илинден и АСНОМ.

На свеченоста беа доделени три Ордени за воени заслуги – на првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски, на Логистичката база и на Организацијата на резервни офицери, а беа промовирани и неколку унапредувања на армиските офицери.

Денот на АРМ – 18 август го честитаа и политичарите. “Армијата е секогаш на првата линија на помош и поддршка за сите нас, а ние посветено продолжуваме со нејзино модернизирање за сериозна борбена подготвеност, создавајќи најповолни услови за припадниците на воениот и цивилниот персонал”, соопшти премиерот Ковачевски, додека пак лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски на својот ФБ профил напиша - Армијата заслужува поголемо внимание од Владата, која во овој момент го нема. Армијата се темели на храброста на илинденците и партизаните, на имињата на Ченто, Апостолски, на пожртвуваноста на илјадници мажи и жени кои го даваа животот за нашата слобода”