Македонија
26. November 2018 - 16:28

25 лекари од „Ало докторе“ цела година не зеле плата

На Ало докторе му се заканува клуч на врата. Цела година, 25те ангажирани лекари во кол центарот кои деноноќно со совети им помагаат на пациентите, работат без пари. Од јануари досега не земале ниту денар, а неделно имаат повеќе од 5 илјади јавувања. Петмина од нив веќе се откажале од ангажманот бидејќи не сакаат да работат без финансиски средства. Револтираните специјалисти на здравствените власти им даваат рок од еден месец а им ги исплатат сите заостанати плати, или повеќе нема да дежураат.

-Работиме со ентузијазам, но повеќе не се издржува. Доколку до крајот на декември не бидеме исплатени, од први јануари 2019 никој од нас нема да доаѓа на работа и да одговара на повиците од граѓаните, изјавија за Сител ангажираните специјалисти во Ало докторе.

Од министерството за здравство велат дека со ребалансот на буџетот биле предвидени пари за Ало докторе и ќе ги регулирале заостанатите обврски. Но лекарите велат дека тоа ветување го добивале од јуни досега.

 Ало докторе почна со работа на 15 септември 2014 година. 24 часа се достапни за граѓаните кои имаат потреба од здравствени совети. Со нивното четиригодишно функционирање е олеснета работата на скопската брза помош.

Претходната власт, Ало докторе го отвори со цел граѓаните од цела држава да добиваат совети за болеста и симптоматска терапија и со тоа да го растеретат притисокот на Брза Помош. Првите неколку месеци, на телефонските јавувања одговараа и директорите на скопските клиники. Помош преку телефон  барале и македонци кои живеат во странство.