Македонија
21. March 2020 - 14:18

2.300 македонски државјани заглавени во странство ќе се враќаат со хуманитарни летови - сите ќе одат во карантин

Македонските граѓани кои се заглавени во други држави ќе се враќаат во земјава преку хуманитарни летови и конвои. Станува збор за околу две илјади и 300 лица, од кои најголем дел се во земјите на Европската Унија.

Планот презентиран од шефот на македонската дипломатија предвидува сите оние кои на ваков начин ќе се вратат во Македонија, да поминат задолжителен карантин од 15 дена. Каде ќе се одвива двонеделната изолација на нашите сограѓани ќе одлучува посебно тело формирано во рамките на Владата.

“Владата одлучи сите кои ќе си дојдат во поголеми групи со хуманитарните летови да бидат во задолжителен карантин во траење од минимум 15 дена, за истовремено да им се помогне нив да си дојдат, но и да се заштити и државниот интерес да се заштити здравјето на населението кое е веќе дома”, изјави Димитров.

Државни објекти, но и хотели во приватна сопственост. Ова се опциите каде што би се одвивал карантинот, за кој министерот уверува дека ќе се одвива во добри услови.

“Ќе бидат од еден до двајца во соба, рано е да се каже уште каде ќе бидат сместени. Битно е да го подигнеме капацитетот на карантинот и условите да бидат добри...”, смета министерот.

Државниот карантин како опција не бил прифатлив за група наши граѓани кои биле во Истанбул, информираше Димотров. Тие вчера имале опција да пристигнат во земјава со хуманитарен лет од црногорската влада, но штом чуле дека ќе бидат во задолжителна изолација, решиле да останат во Турција.

Оние пак кои се заинтересирани за враќање во земјава треба најдоцна до утре до 18 часот да се пријават во најблиското конзуларно претствништво поради евиденција и подобра организација. Димитров апелираше граѓаните да ја искористат оваа шанса, поради тоа што не се знае кога повторно би бил организиран ваков хуманитарен конвој.

“Сакам да упатам клучна порака до утре недела 18 часот сите кои се немаат пријавено да се пријават бидејќи ова нема да биде процес кој ќе се одвива континуирано. Се работи за големи трошоци, голема организација, нема да може државата редовно да врши организација на вакви хуманитарни конвои”, изјави министерот.

Шефот на македонската дипломатија дополни дека се во постојан контакт со сите земји од Шенген зоната. Се бара македонските граѓани да не сносат правни последици, доколку го пробијат рокот за максимум престој од 90 дена поради актуелната ситуација.