Македонија
26. October 2021 - 16:55

22 од починатите вакцинирани пациенти примиле кинеска вакцина, се уште голем интерес за трета доза

Од 27 вакцинирани кои починале во ковид центрите минатата недела, дури 22-ца примиле по две дози од Синофарм и Синовак. Според анализата на Министерството за здравство, овие пациенти се над 63 годишна возраст и сите имале хронични заболувања. Од имунизираните кои ја изгубиле битката со вирусот само еден бил боцнат со Фајзер, и по двајца со АстраЗенека и Спутник.

А стравот дека најмногу од смртните случаи биле со кинеските вакцни, но и лошите предвидувања за зимскиот период е причина и понатаму да има редици пред пунктовите за трета доза. Во поликлиниката Букурешт велат дека дневно во нивниот диспанзер поминуваат околу 500 граѓани.

- Мислам дека секој ден се повеќе се зголемува интересот за трета доза. Меѓу нив има и такви за прва, како расте за трета така доаѓаат и оние кои не примиле ниту една за секако да стигнеме до оној колективен имунитет, вели др. Виолета Гошиќ од поликлиника Букурешт.

Меѓу оние кои денеска чекаа пред пунктот во Букурешт најголем број имаат хронични заболувања и очекуваат со бустер дозата да дојде и до зајакнување на имунитетот.

- Добро е секако, јас како што имам заболувања добро е да го зајакнеме имунитетот. Имам внук кој иако вакциниран доби ковид ама помина лесно, а да не беше вакциниран...

- Секој сам одлучува дали сака да биде вакциниран, н осепак, ова дава некаква надеж...велат граѓани.

Бројките покажуваат дека само во текот на вчерашниот ден биле аплицирани 5362 бустер дози а прва примиле седумпати помалку или 748 граѓани.

Во земјата досега ревакцинирани има над 770 000 лица а со трета доза 15 851 граѓани.

Од 15 до 21 октомври поради компликации од ковид починале 124 пациенти од кои 97 не биле вакцинирани.