Бизнис
24. August 2020 - 16:54

15.000 пензионери ќе останат без пензија

Ќе доцни пензијата за околу 15 илјади пензионери. Августовската, која ја земаа преку Еуростандард, ќе ја добијат до крајот на септември, но само ако отворат сметка во друга банка. Од  Фондот за пензиско им дадоа дополнителен рок на лицата кои не беа во можност да си отворат трансaкциска до 21 август. 

- Од вкупно 50 илјади пензионери, 36 илјади веќе се префрлиле во друга банка, остануваат уште 14 - 15,000 кои мора да си  отворат трансациски сметки во друга банка, за да има каде да им се префрлат парите. Ние имаме договори со сите банки, она што треба да го направат е само лично да одат во банка и да си отворат сметка и тоа што поскоро. Знаеме дека има гужви поради ситуацијата со Еуростандард банка и плус короната, затоа добија нови рокови и ќе има дополнителна исплата на  7, 14 и 25 септември, изјави  Шаип Зенели, директор на ПИОМ.

Проблем се болните како и лицата со инвалидитет кои не можат физички да одат во банка и да отворат сметка. Тие треба да пополнат образец за полномошно, кој Банкарската Асоцијација го изготви и денеска веќе го испратиле до сите банки и до Владата. Уште од утре ќе може да се користи, но ќе мора да биде заверен на нотар, за кој ќе треба да се плати.

Пензионерите пак, од руралните средини кои беа навикнати поштарот да им ја носи пензијата на врата, сега го немаат ова право се додека Пошта не склучи договор со друга банка. Од Македонска Пошта минатата недела разговарале со владини претставници, кои треба да им одобрат потпишување нов договор. Од Владата пак информираат дека најверојатно утре на седница ќе се разговара за овој проблем.