Бизнис
28. November 2020 - 19:40

14 илјади граѓани работат во компаниите во ТИРЗ, Деспотовски најавува програми за зголемување на платите и привлекување на инвестиции со висок квалитет

„Веќе имаме најава за влез и на нови компании. Изминативе 10 дена контактирам со тројца потенцијални инвеститори од различни индустрии кои се совпаѓаат со она што го задаваме како наша цел, а тоа е поттикнување на поквалитетни инвестиции. Очекувам да имаме плоден период пред нас“, посочи новоименуваниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски во вестите на ТВ Сител.

Според статистичките податоци на Дирекцијата, компаниите од ТИР зоните, само во минатите 10 месеци оствариле вкупен извоз од 2,1 милијарда евра и сочинуваат 45 проценти од вкупниот извоз кој го имаме на ниво на држава.

„14.000 наши сограѓани во моментов работат во компаниите во зоните, но клучното прашање кое можеби не било поставено до сега е дали тие добиваат соодветен надомест за својот работен ангажман. Започнавме со подготовка на ваква анализа со цел не да ги притиснеме, туку да креираме државни програми и мерки со кои ќе ги поттикнеме и мотивираме компаниите да исплаќаат повисоки плати. Во програмата за работа на ТИРЗ си поставивме за цел вработените во овие компании да добиваат 30-50 проценти поголеми плати до 2024 година“, посочи Деспотовски.

Анализата, како што најави тој, треба да покаже во кој дел се наоѓа неискористениот потенцијал за зголемување на платите, како и јасно воочување на можностите за вклучување на домашните компании во целокупниот извоз кој компаниите од ТИР зоните го генерираат.

„Продолжуваме со привлекување на инвеститори, но сега ставаме дополнителен фокус и на квалитетот на секоја инвестиција. Дали ќе бидат ангажирани работници за плата од 15 илјади денари или на вработените ќе им се исплаќаат месечни приходи помеѓу 700 и 1.200 евра е клучно“, истакна директорот на ТИРЗ за ТВ Сител.

Деспотовски изјави дека на средбите кои ги остварил со странските инвеститори во зоните веќе добил најави за проширување на нивните капацитети. Поради пандемијата, се најавува тренд во дел од државите од Западна Европа и САД на географско приближување на инвестициите. Големите корпорации согледуваат дека колку е подолга географската рута, подразбира повеќе ризици. Со ова, истакнува Деспотовски, Западниот Балкан станува дополнително интересен и примамлив за инвестиции.

„Потребен ни е поинаков пристап и во сегментот на инфраструктурата неопходна за развој на бизнисот. Веќе размислуваме за програма која ја нарековме „Посебен стратешки инвестициски фонд“ која ќе овозможи државата и приватните инвеститори да вложуваат во посебни проекти за развој во инфраструктура со цел зоните да функционираат подобро. Тоа се инвестиции, на пример, во гасоводна мрежа, унапредување на системот на снабдување со вода, канализација, патишта или осветлување. Како Влада, само за следната година подготвуваме инвестициски циклус од 15 милиони евра во основна инфраструктура во ТИР зоните“, најави Деспотовски.

 

Ирена Чачкова