Запалени дипломатски возила пред Бугарската амбасада
Две дипломатски возила во сопственост на Амбасадата на Бугарија во Скопје, денеска биле опожарени точно напладне пред влезот на објектот.. Пожарот според видеото од безбедносните камери на амбасадата кои го објавуваат бугарските медиуми, бил намерно подметнат.. До возилата доаѓа маж и од ќеса вади шише, ги полева двете возила, ги пали и бега..
Интервенирала противпожарната бригада, а увид направила полицијата и како што велат од МВР, се работи на пронаоѓање на сторителот..
„Полициски службеници од Полициската станица Центар излегле на местото и констатирано е дека делумно биле опожарени патничко возило „киа“ и патничко возило „сузуки“, сопственост на амбасадата. Повредени лица нема, пожарот бил изгаснат и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Случајот го осуди македонската влада од каде велат дека нема да се дозволи поединци да ја нарушат репутацијата на Македонија.. Во реакцијата порачуваат дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста, ќе биде санкциониран..
„Владата најостро го осудува вандалскиот и недозволив чин на опожарување на возила со дипломатски статус во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава“, велат од Владата..
Осуда пристигна и од македонското МНР, а министерот Муцунски оставарил и телефонски разговор со неогвата колешка од Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.. Тој како што велат од министерството, „Муцунски најостро го осуди инцидентот што се случи денеска, при кој беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот“.
Се огласи и бугарското министерство за надворешни - во писмено соопштение наведуваат дека возилата кои се наоѓале пред амбасадата, ги запалило непознато лице.. Први интервенирале вработените, и како што велат од бугарското МНР, така била спречена поголема штета.. Случајот го сметаат за акт на агресија кој ги загрозил здравјето и животот на вработните во амбасадата..
„Ова посегнување против Бугарија и Бугарите е резултат на агресивниот политички говор кој поттикнува омраза, како и на недостигот од адекватна реакција на институциите во претходни слични случаи што создава чувство на неказнивост кај сторителите“, велат од МНР на Бугарија.
Во соопштението додаваат дека Бугарската држава ќе продолжи да ги користи сите механизми за да се спротистави на обидите за создавање атмосфера на страв кај Бугарите во Република Северна Македонија..
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
