Балкан
3. јуни 2021 - 20:43

Вучиќ: Наскоро продолжување на Дијалогот со Приштина

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска се сретна со специјалниот претставник на Европска Унија за Дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Метју Палмер, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ на Инстаграм профилот „Иднината на Србија” објави дека имал добар разговор со Лајчак и Палмер .

Тој додаде дека наскоро се очекува продолжување на Дијалогот со Приштина.

– Верувам во можност за постигнување компромисно решение, изјави српскиот претседател.

Вучиќ претходно најави дека в петок ќе им се обрати на граѓаните на Србија по повод средбата со Лајчак и Палмер.

Претходно денеска со Палмер се сретнаа премиерката Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ.

Лајчак и Палмер пристигнаа во Белград по дводневната посета на Приштина, каде разговараа за подготовките за продолжување на Дијалогот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.