Македонија
12. May 2026 - 21:15

Втора шанса за прв впечаток: Може ли Скопје и Софија да ги поправат скршените односи?

Македонија треба да ја промени својата стратегија и да преземе проактивна улога во односите со Софија, наместо да се позиционира како жртва. Ова е клучната оценка на аналитичарот Марко Трошановски по дипломатски инцидент во Брисел каде употребата на несоодветна терминологија од страна на бугарската министерка за надворешни работи повторно ги затегна односите меѓу двете земји.

Според Трошановски, иако првичните чекори на новата бугарска дипломатија се погрешни, Скопје не смее да дозволи односите да пропаднат во деструктивна насока без обид за вистински дијалог.

-Она што дефинитивно треба да направиме е да имаме проактивна улога наместо да се жалиме и самосожалуваме. Треба да побараме официјални средби каде што би се разговарало за модалитетите на подобрување на взаемните договори и различните гледања на Протоколот од договорот за добрососедство. Ако во иднина оваа реторика биде пракса, тогаш ќе биде очигледно дека е свесно недобронамерно.

Трошановски смета дека, и покрај тензиите, на новата министерка треба да и се остави простор за корекција, но истовремено да се испрати јасна порака дека непочитувањето на меѓународните договори е неприфатливо.

-Се надевам ќе има втора шанса за прв впечаток. Во тензијата на односите во која живееме во моментот се направија некои погрешни чекори. Очигледно не беше официјална средбата, но потребни се такви средби час поскоро. Што се однесува до спорната придавка (северномакедонци), таа е спротивна на Преспанскиот договор и се доживува навредливо. Секој министер на Бугарија треба да го има тоа предвид.

Дека ова не треба да биде причина за да се заострат односите меѓу двете земји смета и бугарскиот аналитичар Димитар Атанасов, кој оцени дека двајцата министри несоодветно реагирале.

За изјавата на новата бугарска министерка во која ги нарече македонските граѓани северномакедонци, македонската дипломатија испрати протестна нота до Бугарија а бугарскиот амбасадор во земјава беше повикан на консултации во македонското МНР.