Македонија
23. July 2026 - 16:45

Водата во Валандово е безбедна, покажаа новите анализи

Водата од градскиот водовод во Валандово е безбедна за пиење, покажуваат најновите резултати од вонредната анализа спроведена од Институтот за јавно здравје. Ова денеска го соопшти градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев  кој го презентираше и лабораторискиот извештај според кој измерената концентрација на арсен изнесува 1,47 микрограми на литар  што е значително под максимално дозволената граница од 10, утврдена со здравствените стандарди.

Според Камчев, состојбата во Валандово ни одблиску не е како таа во Гостивар и смета дека таквите споредби се несериозни. Тој очекува во текот на денешниот или најдоцна утрешниот ден  агенцијата за храна и ветеринарство и официјално да ја укине забраната за користење на водата за пиење.

Дека нема место за паника, преку социјалните мрежи порача и токсикологот д-р Нико Беќаровски. Во својот јавен совет до граѓаните на Валандово тој посочи дека краткорочното консумирање од неколку дена или недели не предизвикува симптоми ниту акутно труење, па така нема потреба граѓаните панично да бараат лекарска помош. Според него, опасност од хронични последици постои само доколку ваква вода се пие со години, а најважно во овој момент е надлежните брзо да го лоцираат изворот на загадувањето и да обезбедат соодветни алтернативи.

Од општина Валандово најавуваат дека во следниот период ќе реализираат уште неколку вонредни проверки на водата, со цел целосно да се утврди точната причина за претходното отстапување во анализите и да се гарантира безбедноста на граѓаните.