Македонија
17. October 2018 - 20:57

Во Струмица се одржаа „Денови на маргинализирани уметности“

Во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица вечерва се одржа манифестацијата „Денови на маргинализирани уметности“, посветена на сатирата, афоризмот и карикатурата.
 
Пред посетителите беа претставени делата на сатиричарот Јане Атанасов од Кочани, афористичарот Ацо Ѓоргиев од Струмица и на карикатуристот Методија Андонов од Штип. 
 
Според сатиричарот Атанасов, поголем дел од гранките на уметноста и културата се заборавени и маргинализирани.
 
- Можеби такво е времето. Имаме две категории луѓе, едните се заинтересирани само за правење пари и профит, а другата категорија, поголемата, за жал, е заинтересирана да закрпи крај со крај, да преживее и културата е поставена некаде во втор, ако не и во трет или петти план, смета сатиричарот, Јане Атанасов од Кочани.
 
Според карикатуристот Методија Андонов, кариктурата во Македонија не е на маргините, туку проблемот е во тоа што ги нема весниците, како најдобри извори на карикатурата.
 
- Сега дигитализацијата си го прави своето. Нема веќе весници и нема со кого да соработуваш. Јас сум од првата генерација карикатуристи заедно со Дарко Марковиќ, Ѓуро Варга и други. Тоа беше златното време на хуморот и сатирата, рече карикатуристот Методија Андонов од Штип.
 
За афористичарот Ацо Ѓоргиев многу е важно е што во општина Струмица овие уметности не се толку маргинализирани како во други градови во Македонија, бидејќи тука се одржуваат повеќе манифестации преку кои се негуваат токму кариктурата, афоризмот и сатирата.
 
Публиката ја проследи и изложбата на портрет карикатури на Методи Андонов, а за време на настанот тој изработи портрет карикатура на фудбалерот Горан Пандев. Карикатурата ја прими братот на Пандев, Сашко.