Во Кривичен продолжи судењето за „Ласкарци“
Во Основниот кривичен суд денеска продолжи распитот на вештаците од тимовите кои го изготвија супервештачењето за случајот „Ласкарци“. Денешната расправа започна со распит на вештото лице Зекирија Зекири, дел од тимот што го изготвил машинското вештачење.
На изминатото рочиште јавниот обвинител Дарко Јакимовски поставуваше прашања кои се однесуваат на стручноста и компетентноста на вештаците, за што, во неколку наврати, бранителите на обвинетите реагираа и посочија дека тоа е само обид за дискредитирање на вештаците.
Вештиот наод од Бирото за вештачење, нарачан од Судот пристигна кон крајот на декември изминатата година и истиот им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители.
Претходно, судот донесе решение, по дадена согласност на сите странки, поради економичност и целисходност на постапка, сите досега изведени докази да се прочитаат и постапката да продолжи со увид во супервештачењата.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.
Ново на Сител
-

Приведени 15 возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана за управување возило и под дејство на алкохол
-

Извршен увид на местото на убиството во кумановско, постојат сомнежи дека осомничениот е поврзан и со други кривични дела
-

Католичкиот свет го одбележува празникот на Свети Валентин
-

Мицкоски: Пораките на Рубио се јасен сигнал за сите сојузници, како Влада, продолжуваме да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница
-

ССМ: Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите
-

52-годишен скопјанец ја претепал партнерката која била во вториот месец од бременоста
-

При претрес во Кавадарци и Велес пронајдена дрога уапсени три лица
-

Ден на жалост во Сараево по трагичната трамвајска несреќа
