Македонија
20. September 2015 - 10:02

Во Гостивар, културна вечер „Урбани сценски мостови“

Во Центарот за култура АСНОМ -Гостивар синоќа се одржа манифестацијата „Урбани сценски мостови“ со учество на уметници од Кавадарци и Гостивар.

Програмата, замислена како своевиден перформанс со поетско-музичка-ликовна содржина беше изведена во малата сала на Гостиварскиот центар за култура. Гостиварската публика, имаше можност да се дружи со четириесетина уметници, поети, сликари и музичари од Гостивар и Кавадарци и нивниот опус.

Според директорот на Центарот за култура АСНОМ, Љуан Зенки, ова е обид за градење на еден мост на култура и соработка со кој ќе се приближат делата на уметниците до публиката од двата града.

Во рамки на оваа културна вечер беше организирана и самостојна изложба на Владимир Темков, уметник од Кавадарци, кој пред гостиварци се претстави со 40-тина ликовни дела, главно во маслена техника.

Се планира во наредниве месеци, гостиварските уметници да ја возвратат посетата и да се преставата пред кавадаречката публика.