ВМРО-ДПМНЕ: Филипче оди по бугарскиот пат, Филипче: Ние преговараме со Европа, не со Радев
Филипче е подготвен да ги исполни бугарските барања на штета на Македонија, обвинуваат и денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека лидерот на СДСМ оди по „бугарскиот пат“ поради лични и финансиски интереси.
„Новиот премиер на Бугарија, Румен Радев, не е непознат фактор во бугарската политика. Неговите ставови кон Македонија, македонскиот јазик, македонскиот народ, идентитетот и историјата се добро познати. Тој и досега јасно покажал дека Бугарија нема намера да отстапи од своите позиции, ниту, пак, да се повлече од условувањата кон Македонија. Напротив, очигледно е дека официјална Софија ќе продолжи со притисоци и блокади секогаш кога тоа ќе ѝ одговара. Во вакви околности, кога е потребна јасна осуда и цврст став во одбрана на македонските интереси, Венко Филипче избра спротивен пат. Филипче и СДС го избраа антидржавниот, бугарски пат.“ж
Филипче, пак, возвраќа дека ставовите на Радев по однос на македонскиот идентитет се ирелевантни за македонската евроинтеграција, бидејќи Македонија преговара со Брисел, а не со Софија.
Објаснува дека, иако бугарскиот парламент има донесено резолуција за негирање на македонскиот јазик, истиот парламент подоцна го ратификувал и т.н. француски предлог, каде што македонскиот јазик стои без никаква забелешка, фуснота или додавка.
Лидерот на СДСМ и денеска повтори дека европскиот пат може да ни се отвори единствено преку прифаќање на уставните измени. Смета дека власта го користи националниот идентитет како изговор, како што рече, за да продолжи со своите криминални интереси, додавајќи дека македонскиот идентитет е најсилен кога е дел од Европа.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
