Македонија
11. March 2026 - 17:04

Уставниот суд ги отфрли сите иницијативи за „Сејф Сити”

Уставниот суд ги отфрли сите иницијативи за Сејф сити, системот ќе продолжи да фунцкионира како и досега. 

Уставните судии денеска дебатираа дали е спротивно од Уставот пораките за прекршок на Сејф сити да пристигнуваат само на македонски јазик, колку е селективно граѓаните од Скопје, Тетово и Куманово да се под постојан надзор од камерите на безбеден град, а во другите градови не, дали е задолжително да се поседува мобилен телефон или е само потреба, колку се заштитени личните податоци на граѓаните со новиот систем на МВР? 

Судијката известител Ана Павлова Данева предложи да се отфрлат сите иницијативи, бидејќи судот во нивната примена е ненадлежен. Околу иницијативата за пораките да се праќаат и на албански јазик, судијката вели Законот за јазици е регулиран, а МВР треба да го применува. 

Иако законски не е регулирано да се поседува мобилен телефон, во времето во кое живееме е есенцијална потреба. Доколку некој сака да вози автомобил, ќе треба да поседува мобилен, ако не нека оди со коњ, порача претседателот на Уставниот суд. 

Граѓаните од Скопје, Тетово и Куманово се под постојан надзор од камерите на Сејф сити, додека останатата територија на Македонија не е, па со ограничената примена на законот може да доведе до повреда на еднаквоста на граѓанинот пред Уставот, смета судијата Насер Ајдари. 

Според судијката Кацарска спорна е одредбата со која сопственикот на возилото е обврзан лично да оди и да пријавува во полиција доколку некој друг возел и сторил прекршок. 

Уставните судии денеска постапуваа и по инцијативите за платите на судиите. Ќе останат минимално намалени како што одлучи Собранието, а дали ќе им се зголемуваат или не Уставниот суд ќе одлучува во наредниот период.