Трамп: Бајден дозволи во САД да влезат десетина милиони илегални криминалци

Претседателот на САД, Доналд Трамп го обвини неговиот претходник Џо Бајден дека е корумпиран и оти дозволил влез на „десетина милиони илегални странци-криминалци“ во земјата.
Трамп на сопствената мрежа „Трут соушл“ (Truth Social) објави дека Бајден дозволил во САД да влезат „стотици илјади осудени убијци, силувачи, киднапери, дилери на дрога и терористи“.
Победив на избори во историска пресвртница, а републиканците освоија мнозинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот, во голема мера затоа што се обврзавме да ја затвориме границата, што и го направивме, и ја почнавме најголемата масовна депортација на нелегални криминалци-странци во американската историја, наведе Трамп.
Според него „депортацијата е во тек“, а во градовите и сојузните држави раководени од републиканците, овие операции, кои ги спроведува Службата за имиграција и царини (ИЦЕ) се одвиваат мирно и непречено, бидејќи на локалните службеници за спроведување на законот им е дозволено да соработуваат со своите федерални колеги“.
На пример, во петте републикански држави Тексас, Џорџија, Флорида, Тенеси и Лујзијана, ИЦЕ уапси 150.245 криминалци – нелегални странци минатата година – без никакви протести, немири или хаос. Зошто? Затоа што локалната полиција и ИЦЕ соработуваат и работат заедно, посочи Трамп.
Тој додаде дека градовите и државите раководени од демократите одбиваат да соработуваат со ИЦЕ и ги поттикнуваат левичарските агитатори да ги попречуваат операциите за апсење на „најлошите од најлошите“.
Со тоа, демократите ги ставаат нелегалните криминалци-странци над граѓаните кои плаќаат даноци и ги почитуваат законите и создаваат опасни околности за сите вклучени. За жал, двајца американски граѓани ги загубија животите како резултат на овој хаос предизвикан од демократите, потенцира Трамп.
Тој ги повика гувернерот на Минесота, Тим Волц, и градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, како и другите демократски гувернери и градоначалници, да соработуваат со федералната администрација, а Конгресот на САД веднаш да донесе закон со кој ќе се стави крај на политиката на така наречени „безбедни градови“ за имигрантите.
Трамп истакна дека Волц и Џејкоб „треба да им ги предадат на федералните власти сите криминалци и нелегални имигранти кои моментално се затворени во нивните државни затвори и центри за притвор, заедно со сите нелегални криминалци со активни налози или познати криминални досиеја, за итна депортација“.
Во Минеаполис повеќе денови се одржуваа протести, откако на 7 јануари агент на ИЦЕ ја уби Рене Гуд. Пред три дена, во истиот град, од припадник на ИЦЕ, убиен е Алекс Прити.
Во меѓувреме, неименуван извор наведе дека американското Федерално истражно биро (ФБИ) формираше Центар за раководење со ризикот во Минеаполис. ФБИ ќе ангажира агенти кои имаат искуства во истражувањето на социјалните медиуми, за поефикасно да се собираат разузнавачки податоци за групите кои протестираат против присуството на федералните имиграциски службеници во градот.
МИА
Ново на Сител
-

САД ке ја предводи истрагата за инцидентот на „Рајанер“ што се случи на македонското небо
-

Власта и опозицијата се обвинуваат кој не сака нов Изборен законик
-

Утре во Собрание владината реконструкција
-

Владината кошничка ќе биде усвоена следната недела на ЕСС
-

Високите температури го зголемија ризикот од труење со храна - на инфективна секојдневно имаат пациенти
-

За 30% зголемен бројот на повици во Итната помош Прилеп, недостасува кадар од сите профили
-

Овчата сипаница го пустоши сточниот фонд
-

Засилени акциските контроли во водите на Охридското Езеро
